Регион 12. март 2020. / 14:22

Забрана за меѓуградскиот сообраќај и движење на приватни возила во осум окрузи во Албанија

Забрана за меѓуградскиот сообраќај и движење на приватни возила во осум окрузи во Албанија

Од утре до недела на полноќ во Албанија се забранува меѓуградскиот сообраќај, како и движење на приватни возило кон осум од дванаесетте окрузи во земјата, објави албанскиот премиер Еди Рама на „Фејсбук“.

Барајќи разбирање од граѓаните, тој наведува дека ова е единствениот начин да се спречи брзото ширење на коронавирусот во земјата, каде само во последните 24 часа регисрирани се нови осум случаи, со што бројот на заразените достигна 23 лица.

– Од утре во шест часот до недела на полноќ се забранува меѓуградскиот сообраќај, како и движење на приватни возила од Тирана и Драч кон другите области, како и меѓуградскиот сообраќај Тирана-Драч и обратно. Исто забраната важи и за Скадар, Валона, Лежа, Елбасан, Фиер и Љушња, наведува Рама.

Сообраќајот во овие подрачја ќе биде отворен само за амбулантни возила, возила што вршат функции на државни служби и за оние кои превезуваат прехрамбени и други прозводи за широка потрошувачка.

Тој апелира до граѓаните строго да ги почитуваат сите препораки и мерки и додава „страв воопшто, внимание да“.

Премиерот Рама претходно им се заблагодари на верските заедници, кои одлучија, како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот, да ги прекинат сите верски активности.