Дијалогот помеѓу Белград и Приштина продолжува за помалку од еден месец во Брисел, а како што дознава „Блиц“, државниот врв на Србија во септември почнува дипломатска офанзива.
Според пишувањата на весникот кој се повикува на извори од врвот на власта, најпрвин во Белград ќе пристигне вториот човек на Индија, потпретседателот Венкејах Најду, по што би требало Вучиќ да се сретне со рускиот претседател.
Средбата со Владимир Путин веќе е договорена, само сè уште не се знае дали двајцата претседатели ќе се состанат во Москва или Владивосток. Вучиќ би требало да замине за Русија на консултации пред заседавањето на Генералното собрание на ОН, кое ќе се одржи од 24 до 28 септември, каде што е предвидено обраќање на Вучиќ.
Со американскиот претседател Вучиќ ќе се состане на официјалниот дел на седницата, а се очекува во Њујорк да оствари средби со повеќе лица од администрацијата на Трамп.
Пред овие разговори планирано е Вучиќ повторно да го посети Косово.
Исто така, во Србија до крајот на годината би требало да пристигне францускиот претседател Емануел Макрон, а неговата администрација веќе ги разгледува термините. Неофицијално тој би можел да престојува во Србија помеѓу 3 и 5 септември.