Регион 17. јули 2018. / 18:16

Вучиќ се сретна со Макрон: Србите и Французите станаa светски шампиони на ист ден

Вучиќ се сретна со Макрон: Србите и Французите станаa светски шампиони на ист ден

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, рече дека Србија повторно гледа кон Париз и дека Франција денес има многу поважна улога за целиот регион.

Тој ова го изјави на заедничката конференција со францускиот претседател, Емануел Макрон, каде што кажа дека тие двајца разговарале за многу прашања, но дека особено се фокусирале на иднината.

„Претседателот Макрон за кратко време успеа Франција да ја врати на местото кое и припаѓа во Европа и во светот. Разговаравме за иднината на целиот регион, за дијалогот меѓу Белград и Приштина и мислам дека постигнавме висок степен на консензус за клучните прашања“, рече Вучиќ.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, истакна дека Франција сака да и помогне на Србија на европскиот пат.

Макрон додаде дека Србија се покажала како сигурен партнер. Тој воедно посочи и дека ја прифатил поканата на српскиот колега и дека ќе дојде во посета на Србија.

Вучиќ, исто така, му честиташе на Макрон за победата на Франција на Светското првенство во фудбал и победата на Новак Ѓоковиќ на Вимблдон ја означи како еден вид на светски шампионат.

„Ние Србите и Французите станавме светски шампиони на истиот ден“, рече Вучиќ, кој на Макрон му честиташе и на француски јазик.