Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека не е на повидок решение за косовското прашање и дека е илузорно да се очекува на 11 ноември во Париз, на прославата на Денот на примирјето во Првата светска војна, да се донесе решение за овој спор.
– Ние сме многу, многу далеку од постигнување компромис. Дури и сите други да се тргнат, иако се знаат нивните интереси и агенди. Па тие нас џабе не не бомбардираа и ја прогласија независност на Косово во 2008 година, за ова да помине без нив. Предуслов за кое било решение е договор помеѓу Србите и Албанците, а такво нешто, повторувам, воопшто не постои- изјави Вучиќ по посетата на Клиничкиот центар во Белград.
Тој ги негираше наводите на медиумите дека шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон, постигнале договор за прашањето за Косово, додавајќи дека добил порака од министерот за надворешни работи на Русија дека ова е неточно.
– Тие разговарале за Косово, но се што треба некој да договори, мора прво да се договори со Србија. А ние сме многу далеку од какво било компромисно решение. И затоа сум многу загрижен од заканата за формирање на Војската (на Косово)- истакна Вучиќ.
Говорејќи за неговите предлози за решение на прашањето за Косово, Вучиќ рече дека изнесувал „разни идеи на безброј места” и зборувал за неопходни компромиси, односно дека на Србија и е потребно нешто да добие, а не се да загуби, додавјќи дека за деталите нема и несака да зборува се, додека не добие конкретна понуда или идеја.
– Нема никогаш да донесеме ниту еден акт пред да го дадеме на проверка пред народот и Народното собрание. А дали ќе имаме нешто да провериме – се плашам дека не- истакна Вучиќ.