Регион 21. ноември 2018. / 19:40

Вучиќ на вонредни средби со амбасадорите, закажана седница на Советот за безбедност

Вучиќ на вонредни средби со амбасадорите, закажана седница на Советот за безбедност

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска попладне ќе оствари вонредни средби со амбасадорите на Кина, Русија, ЕУ и членките на Квинтата, а за подоцна закажа и седница на Советот за национална безбедност, по повод најновите мерки на Приштина, соопшти Кабинетот на шефот на државата.

Приштина денеска, и покрај договорот на ЦЕФТА, ги зголеми таксите на стока од централна Србија за 100 проценти. Таквиот потег на Приштина српските власти го сметаат за „политички најпредизвикувачка и најтешка ситуација по нелегалното прогласување независност на Косово“.

Вучиќ прво ќе разговара со амбасадорите на Кина и Русија, а потоа ќе се состане со амбасадорите од земјите членки на Квинтата и со шефот на делегацијата на ЕУ. Подоцна попладне ќе се одржи и седница на Советот за национална безбедност.