Регион 07. октомври 2019. / 14:46

Вучиќ ќе му гостува на Путин до крајот на годината

Вучиќ ќе му гостува на Путин до крајот на годината

Српскиот претседател Александар Вучиќ имал телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин на кој е договорено двајцата претседатели до крајот на годината да се состанат во Москва, за да разменат ставови за најважните ставови, а особено за Косово.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Путин во разговорот му порачал на Вучиќ дека следи се што работи и дека добро ја разбира сложената ситуација во која се наоѓа Србија, како и дека е подготвен да помогне.

Вучиќ му се заблагодарил на претседателот Путин за развојот на српско-руските односи и изразил благодарност за зборовите на поддршка за зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет на Србија, што му ги пренел министерот Сергеј Лавров, на неодамнешната средба во Њујорк.

Во телефонскиот разговор, претседателот Вучиќ му го честитал шеесет и седмиот роденден на Путин.

Како што е веќе потврдено, во втората половина на Октомври, во Белград доаѓа рускиот премиер Дмитриј Медведев на заедничкото одбележување на 75-годишнината од ослободувањето на Белград во Втората светска војна.