Рамуш Харадинај е целосно во право кога вели дека САД, што и да се случи, ќе бидат на нивна страна, сеедно колку Приштина го крши меѓународното право, изјавил денеска српскиот претседател Александар Вучиќ и додал дека крајно време е Србите да се помират со тоа.
Истакнал дека одамна е јасно дека САД стојат зад Албанците и дека тие никогаш ништо не правеле сами.
-А, дека можеме воено да ги победиме САД, на тоа немојте ни да помислувате, додал Вучиќ.
Тој потсетил дека Србија еднаш се обидела воено да се носи со САД и дека не успеала во тоа.
–Србија еднаш беше нападната и знаете што се случи. Дајте да ги зачуваме луѓето, да има што повеќе бебиња, рекол Вучиќ.
Истакнал и дека нема сомнеж дека Харадинај е во право кога вели дека САД ќе бидат на нивна страна, зашто тие го признаа независно Косово и тоа е крај на приказната за нив.
-Тие се силни и моќни и нема Србија да им го смени мислењето. Ние немаме што друго да правиме, во агол сме дотерани, мораме да се зачуваме, нагласил Вучиќ.
Рекол и дека не е нималку среќен поради изјавите на американскиот амбасадор во Приштина по прашањето за формирање војска на Косово.
-Моето прашање до него би било – каде тоа го пишува, а тој би одговрил дека тоа никаде не го пишува, но и дека не му гајле, зашто тие го признале Косово. Тие се однесуваат според правилото на посилниот, а не според меѓународното право, рекол Вучиќ.