Во Сирија и Ирак од 2012 година војувале 23 црногорски државјани, информира Драган Пејановиќ, национален координатор за борба против насилниот екстремизам.
На конференција насловена „Како етнонационализмот води кон насилен екстремизам“, организирана од Центарот за демократска транзиција, Пејановиќ изјави дека Црна Гора е подготвена да одговори на појавата на радикализација и екстремизам.
– Медиумите во Црна Гора досега не направија грешка како некои во други земји, кои беа мегафон на тероризмот – изјави Пејановиќ.
За време на конференцијата, шефот на Делегацијата на ЕУ во Црна Гора, Аиво Орав, порача дека земјата треба што побрзо да донесе нова стратегија за борба против насилниот екстремизам.
– Со задоволство забележувам дека Црна Гора планира да формира мултидисциплинарен тим што ќе допре до локалните заедници, што е клучно за создавање превентивни мерки – истакна Орав.
Црногорскиот министер за внатрешни работи Мевлудин Нухоџиќ рече дека етнонационализмот го зголемува агресивниот потенцијал, а со тоа придонесува за создавање плодна почва за екстремизам.
– Национализмот е пат кон негирање на демократијата, човековите права и слободи. Сите заедно треба да градат мултикултурна заедница – изјави Нухоџиќ.
Тој оцени и дека регионот на Југоисточна Европа е едно од чувствителните подрачја.
– Имајќи го предвид негативното наследство од војните од крајот на 20 век, испреплетувањето на различни интереси и влијанија, но и честопати погрешните сфаќања за националните и верските разноликости, од историјата мора да извлечеме мудри и трајни поуки. Од сите земји во регионот, Црна Гора е најмалку погодена од појавата на насилен екстремизам – потенцира Нохџиќ.