По последните податоци, во основните училишта во Хрватска штрајкуваат речиси 90 отсто од вработените, а во средните околу 85 отсто. Штрајкот продолжува и утре во четири општини, а во петок ќе биде објавено во кои општини ќе се штрајкува во понеделник.
Претседателот на Независниот синдикат на вработените во средните училишта, Бранимир Михалинец на пресконференција рече дека на првиот ден од штрајкот „фронтален удар“, штрајкуваат речиси сите вработени во повеќе од 1000 установи од образованието, а од петок ќе штрајкуваат секој ден во различни општини.
Тој додава дека ваквиот начин на циркуларно штрајкување го пронашле во праксата на европските и светските синдикати, посебно во Франција.
Во хрватските основни и средни училишта утринава започна штрајк бидејќи во средата пропадна обидот за помирување на два школски синдикати и Владата која го одби барањето за зголемување на коефициентот за сложена работа од шест отсто.
Владата на синдикалците им понуди зголемување на додатокот на плата за два отсто од 1 октомври оваа година и два отсто од 1 јуни идната година, утврдувајќи дека коефициентот на сложена работа не е предмет на преговори.
Прв пат се одржува т.н циркуларен штрајк, а тоа значи дека денеска штрајкуваат сите училишта, додека од петок ќе штрајкуваат училишта во одделни општини, а синдикатите секојдневно ја известуваат јавноста за распоредот на блокадите.