Институтот за јавно здравство на Косово (ИШПК) објави дека во текот на вчерашниот ден во земјата се потврдени нови 35 случаи кои, по тестирањата два дена едноподруго, согласно методите на Светската здравствена организација, резултираа излекувани од Ковид-19, со што бројката на лица кои ја пребродиле болеста се зголеми на 201.
Според официјални информации, забележани се и 17 нови случаи на носители на корона вирус, со што официјалната бројка на лица кои резултираат заразени од Ковид-19 во Косово се искачи на 780.
Петмина од новозаразените се од општина Призрен, тројца од Лепосавиќ, двајца од Подујево и по еден од Приштина и од други шест косовски општини.
Вчера во Косово е евидентирана и една нова жртва на Ковид-19, 53-годишен маж од село во општина Пеќ, кој бил примен на Инфективната клиника во Приштина истиот ден, на 27 април, во тешка здравствена состојба предизвикана и од други болести од кои страдал. Вкупната бројка на починати од заразата во Косово сега изнесува 22.
Според соопштението на ИШПК, во Лабораторијата за молекуларна микробилогија се тестирани примероците на 226 лица за кои постоело сомневање дека се можни носители на новиот корона вирус. Вкупната бројка на тестирани од појавата на епидемијата, заклучно со вчерашниот ден, изнесува 6.705.