Регион 10. јули 2020. / 20:53

Во Косово бараат реципроцитет за ограничувањето за влез во Македонија

Во Косово бараат реципроцитет за ограничувањето за влез во Македонија

Како реакција на одлуката на македонската Влада од вчера да се дозволи влез во Македонија од Косово само со негативен тест за коронавирус, косовски бизнисмени и граѓани бараат реципроцитет.

„Ова ги погодува косовските производители, бидејќи извозот на нивните производи во Северна Македонија ќе биде исклучително тежок. Ако немаме возачи на камиони што направиле тест, нема да бидеме во можност да транспортираме производи. Мислам дека тоа е нелогично, земајќи опревид дека Северна Македонија не врши масовно тестирање. Не презедовме никакви акции против граѓаните на Северна Македонија. Владата на Косово мора сериозно да го разгледа воведувањето реципрочни мерки против Северна Македонија“, изјави извршниот директор на Косовското здружение на производители, Астрит Панџа, за Радио Слободна Европа.

Ова е многу лош, едностран потег“, оценува Наим Бериша од Приштина, според кој Косово сега треба да одговори со реципрочни мерки.

Според податоците на македонското Министерство за внатрешни работи, во рок од две недели, од 26 јуни до 8 јули, 29.495 државјани на Косово влегле во Македонија или во просек околу 2.100 дневно.

Во последните 24 часа во Косово се регистрирани 207 нови случаи на Ковид-19 и осум починати.