Под наслов „Стратешко партнерство“, во Атина се одржува четвртиот ЕУ-Арапскиот светски самит што ќе се фокусира на економската соработка и инвестициите, особено во областа на енергетиката, трговијата, науката, технологијата и здравството, а ќе учествуваат високи државни претставници како од Европа, така и од арапските земји.
Визијата на самитот, што е под покровителство на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, е да се продолжи со создавањето длабок и детален однос меѓу ЕУ и Арапскиот свет.
На свеченото отворање на дводневниот самит, свои обраќања ќе имаат: премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, претседателот на Кипар, Никос Анастасиадис, генералниот секретар на лигата на арапските држави, Ахмед Абул Гејт, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ , премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама, заменикот премиер на Палестина, Набил Абурдајне, како и поранешните премиери на Италија и Франција, Масимо Д’Алема и Франсуа Фијон.
Миграциите, климатските промени, економското партнерство меѓу ЕУ и Арапските земји, инвестициите, се дел од темите за кои на различни панели ќе дебатираат учесниците на првиот ден од Самитот.
Утре, свое обраќање ќе има и поранешниот грчки премиер и лидер на опозициската СИРИЗА, Алексис Ципрас.
Премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис во текот на денот ќе одржи одвоени билатерални средби со дел од учесниците на Самитот. Предвидено е да се сретне со неговите колеги- премиерите на Хрватска, Андреј Пленковиќ, на Албанија, Еди Рама и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ. Мицотакис ќе одржи средба и со Генералниот секретар на Арапската лига Ахмед Абул Гејт.
Премиерите на Србија и Хрватска, Брнабиќ и Пленковиќ ќе бидат примени и од грчкиот претседател Прокопис Павлопулос.