Регион 30. октомври 2019. / 10:16

Владимир Русјаев е протераниот руски шпион од Софија

Владимир Русјаев е протераниот руски шпион од Софија

Владимир Русјаев е името на првиот секретар во руската амбасада во Софија, кој вчера беше прогласен за персона нон грата од страна на бугарското Министерство за надворешни работи. Ова го соопшти украинскиот сајт obozrevatel.com, јавуваат бугарските медиуми.

Досега неговото име не беше познато, а се покажа дека во руската дипломатска мисија во Софија има дури деветмина први секретари.

Во информацијата се тврди дека Русјаев имал позиција, што традиционално се користи од руското воено разузнавање-ГРУ, за прикривање. Тој во амбасадата во Софија заменил друг офицер на ГРУ, Александар Горенков.

Русјаев учествувал на многу настани, што ги организирала руската амбасада. Една од неговите последни изјави датира од детски фестивал од август годинава, како и неговото предавање на софијскиот универзитет „Св.Климент Охридски“ на 21 октомври на тема „Практични аспекти на дипломатската кариера“, но авторот забележал дека нема негови фотографии.

Но, се покажа дека такви има. Русјаев како официјално лице присуствувал на празнувањето на Денот на победата-9 Мај, во Стара Загора.

За случајот со првиот секретар во руската амбасада во Софија се дозна во понеделникот, кога обвинителството објави дека тој работел како шпион во Бугарија скоро цела година. Русјаев се среќавал на конспиративни средби со бугарски граѓани и собирал класифицирани информации за државата, ЕУ и НАТО.