Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ побара затворање на границите поради влошената епидемиолошка ситуација во земјата.
Тој денес им се обрати на граѓаните на Црна Гора, а во снимката наведе дека ситуацијата од април и мај, кога состојбата во другите земји била катастрофална и кога на лидерите им изразувал сочувство, сега е црногорската реалност.
– Страшните бројки за секојдневниот пораст на бројот на умрени и заразени не смеат никого во Црна Гора да остават рамнодушен, кажа Ѓукановиќ и додаде: „Здравјето на нашите граѓани е во сериозна опасност“.
Тој кажа дека за нешто повеќе од 11 месеци од последиците на инфекцијата со коронавирусот умреле над 1.000 граѓани и дека сега повеќе од кога било се потребни системски пристап, тимско дејствување на надлежните институции, професионалност, ефикасност и солидарност, во вршењето на работите.
– Во таа цел е неопходно ажурно воведување и енергична примена на соодветни епидемиолошки мерки, ефикасна контрола на нивното почитување, затворање на границите за влез во Црна Гора без ПЦР тест, како и забрзување на процесот на вакцинирање на населението во интерес на поефикасна и подолгорочна заштита на здравјето на населението. За да успееме во тоа мора да се издигнеме над сите поделби, да заборавиме на меѓусебните обвинувања и на сите разлики и несогласувања од политичка и друга природа, да покажеме дека како општество сме дораснати на овој предизвик и времето во кое живееме, кажа Ѓукановиќ.