Регион 30. јануари 2021. / 16:31

(ВИДЕО) Четворица убиени во Хрватска, сè уште нема официјални информации за убиецот

(ВИДЕО) Четворица убиени во Хрватска, сè уште нема официјални информации за убиецот
фото: Јутарњи лист

Познат претприемач беше убиен во гратчето Водице, близу Шибеник, Хрватска, околу 13 часот денеска, додека околу половина час подоцна, три мртви тела се пронајдени во зграда во градот Шибеник.

Иако полицијата сè уште не го потврди тоа, според неофицијални информации, четирите убиства се поврзани, пренесуваат хрватските медиуми.

Полицијата соопшти дека во 12:56 часот добиле дојава дека во возило покрај патот во Водице бил пронајден мртов маж. Во 13 часот и 23 минути, полицијата добила втор повик од Итната медицинска помош, дека биле пронајдени три мртви лица, двајца мажи и една жена, во објект во Шибеник, Хрватска.

Првичните информации се дека лицата починале по насилен пат. Истрага паралелно е започната на двете места, а полицијата во овој момент не може да потврди дали сите четири смртни случаи биле поврзани.

Веднаш по објавата, на терен се испратени дополнителни полициски сили со цел да се најде лицето за кое во моментов се испраќаат информации како можен сторител за смртта на пронајдените лица.

Неофицијалните информации велат дека убиецот е извесен Бранко Колопер, сопственик на пропадната  фирма „Маткол“ од Шибеник. Тој бил сопственик на голем број пекари и продавници низ градот, но банкротирал.

Јутањи лист пренесува дека меѓу жртвите се стечајна управителка како и градска советничка.