Полицијата на Босна и Херцеговина уапси лице поврзано со исламистички терористички организации, потврди Државната агенција за истраги и заштита на БиХ (СИПА).
Во соопштението е наведено дека осомниченото лице било приведено синоќа на сараевскиот аеродром, а идентификувано е како Муниб Ахметспасиќ од Зеница, познат припадник на салафистичката заедница во БиХ.
Се истакнува дека тој од јули 2013 година престојувал во Сирија и Ирак и бил припадник на терористичките групи Ал нусра фронт и Исламска држава (ИСИС).
Уапсен е под сомнеж дека извршил кривично дело тероризам, приведен е во седиштето на СИПА во Сараево, а по кривичната обработка ќе му биде предаден на босанското обвинителство.
Министерот за безбедност на БиХ Драган Мектиќ вчера потврди дека во моментов дванаесет лица се под специјален надзор во БиХ поради сомнеж дека можат да бидат поврзани со тероризам.
Станува збор за емигранти кои нелегално влегле во БиХ, а се спроведуваат дополнителни проверки на нивните идентитети. Сите се сместени во емигрантски центар во источно Сараево.