Регион 24. октомври 2018. / 21:45

Уапсен поранешен грчки министер за одбрана, под обвинение дека испрал 2,8 милиони франци

Уапсен поранешен грчки министер за одбрана, под обвинение дека испрал 2,8 милиони франци

Поранешниот грчки министер за одбрана Јанос Папантониу е приведен во истражен притвор поради обвинение за перење пари, јави денес грчката државна телевизија ЕРТ.

На сослушувањето во понеделникот Папантониу не можел да го објасни потеклото на околу 2,8 милиони швајцарски франци (речиси 2,5 милиони евра) најдени на сметки на неговата сопруга.

По 16-часовно испрашување, во истражен затвор е приведена и сопругата Ставрула Кураку. И двајцата ги отфрлаат обвиненијата за незаконски дејства.

Брачната двојка наводно износот, за кој се верува дека е мито за вносни воени договори, го ставила на повеќе банкарски сметки за да го „замаглат“.

Папантониу е вториот министер од владата на Костас Симитис (1996-2004) кој се соочува со обвиненија за перење пари. Неговиот претходник на функцијата министер за одбрана, Акис Цохацопулос, беше прогласен за виновен за истото кривично дело и осуден на максимални 20 години затвор.

Засега не се знае датумот на судењето на Папантониу, но застарување на делото не може да го спаси од судски процес, бидејќи според грчките закони перењето пари не застарува. Во случај на осудувачка пресуда го чека казна до 20 години затвор.