Аеродроми на Црна Гора се тужени од над 200 вработени во компанијата поради неисплатени додатоци на плата, потврдија три адвокатски канцеларии за весникот „Дан“. Работниците се одлучиле на таков чекор главно поради долговите врз основа на стартниот дел на платата, како и неисплатените хранарини, превоз, боледувања и прекувремена работа.
Адвокатот Милован Милошевиќ изјави дека заедно со своите колеги од канцеларијата застапуваат меѓу 60 и 70 вработени во Аеродроми на Црна Гора.
– Немаме прецизирано колку вкупно пари се побаруваат од Аеродромите, бидејќи надлежните во компанијата повеќе месеци одбиваат да им достават на вештаците неопходна документација. Немаме вештачена финансиска документација, но наша проценка е дека без превоз, боледувања и прекувремена работа, изнесува околу 15.000 евра по вработен, за оние кои почнале со работа пред 2008 година, истакна Милошевиќ.
Тој нагласи дека, според информациите со кои располага, поднесени се околу 600 тужби против Аеродромите.
– Имаме случаи кога еден вработен има поднесено повеќе тужби, зависно од ситуацијата, објасни адвокатот.
Адвокатката Вера Пековиќ изјави дека застапува повеќе од 100 вработени во компанијата, од кои некои ги повлекле тужбите.
– Имаме проблеми кога се прашање предмети по тужбите на вработените во Аеродроми. Според мое мислење, главен проблем е дискриминацијата на вработените, што е противуставно. Донесена е одлука прво да се исплатат работниците кои не ја тужеле компанијата. Се поставува прашањето, каква врска има тоа дали некој ја тужел фирмата, а некој не, додаде Пековиќ.