Регион 27. септември 2018. / 15:07

Турција и Австрија сакаат да ги подобрат односите

Турција и Австрија сакаат да ги подобрат односите

Претседателите на Австрија и на Турција, Александар ван дер Белен и Реџеп Тајип Ердоган се заложија во Њујорк за подобрување на односите меѓу двете земји.

На маргините на Генералното собрание на Обединети нации Белен и Ердоган констатираа дека односите на Турција и Австрија во последно време не се најдобри и оти тоа треба да се измени.

– Дијалогот меѓу Турција и Австрија е важен, посебно имајќи ги предвид  економските односи, се наведува во соопштението од кабинетот на Белен.

Тој во разговорот со турскиот претседател, се осврна и на апсењето на австриските државјани и го замоли Ердоган да најде решение.

Австрискиот претседател изрази загриженост  во врска со внатрешната политичка ситуација во Турција, особено во однос на слободата на медиумите и човековите права, наведувајќи дека Австрија јасно го осудила обидот за државен удар во 2016 година.

Истовремено, австрискиот претседател се заложил Турција да ја прекине својата блокада во Програмата на НАТО Партнерство за мир, посочувајќи дека австриските војници во моментов не можат да учествуваат во обуките во рамките на воената алијанса поради турското вето.

Односите меѓу Виена и Анкара се заладија пред се поради ставот на канцеларот Себастијан Курц дека ЕУ треба да ги прекине преговорите за членство со Турција поради кршење на човековите права во таа земја.