Трет случај на заразен од коронавирусот е регистриран во Хрватска, соопштија властите, посочувајќи дека заразениот маж е сместен во болница во Риека, а работел во Парма во Италија.
Хрватскиот министер за здравство Вили Берош денеска изјави дека досега се направени 87 анализи.
Инаку денеска беше потврден и првиот случај на коронавирус во Македонија. Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција изјави дека се работи за жена родена 1970 година која била во Италија еден месец.
Македонија е трета земја на Балканот во кој има потврден случај на коронавирус, откако вчера првиот случај беше регистриран во Хрватска, а денеска за потврден случај во Солун извести и Грција. И во трите балкански земји пациентите биле во Италија, која има најголем број заболени во Европа.
По потврдувањето на случајот во земјава, Сојузот на синдикатите на Македонија апелира до сите државни институции и до работодавачите да ги преземат сите мерки за заштита на безбедноста и здравјето на работниците и на граѓаните.
Апелираме сите работници и граѓани, максимално да ги почитуваат и да се придржуваат до препораките на Министерството за здравство за намалување на ризикот од појава на инфекција од коронавирусот“, велат од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Во меѓувреме, со одлука на грчкиот министер за здравство Василис Кикиљас, се одложуваат и се отповикуваат редовните отсуства, слободни денови или одмори на вработените во болниците, здравствените установи и во самото министерство.
Персоналот во Централната служба на Министерството за здравство, Централните здравствени служби на перифериите, државните болници, брзата помош, Националната организација за јавно здравје, Националниот центар за крводарителство, во Институтот за фармацевтски истражувања и технологија, нема да може да земе слободни денови или одмор.