Регион 15. август 2019. / 20:56

Терористот Морина пречекан со тапани во Косово

Терористот Морина пречекан со тапани во Косово

Ова не е свадба, туку пречекот на Томор Морина во Ѓаковица. Поранешниот член на ОНА, по 20-дневен притвор, синоќа беше ослободен од затворот во Скопје, а претставници на косовската Амбасада го придружуваа со службено возило.

Но, пред да отпатува во Косово, оваа фотографија покажува дека Морина бил на вечера со претставници на косовската амбасада и пратеници на ДУИ, со вицепремиерот Садула Дураки и министерот Крешник Бектеши.

Врховниот суд во Северна Македонија го укина притворот на Морина и донесе одлука да не биде екстрадиран во Србија. Образложението на судот е дека Морина е државјанин на Косово и Обединето Кралство, а не на Србија, додека кривичното дело за кое се бара негово испорачување е извршено на територијата на Република Косово.

Инаку, синоќа вицепремиерот на Косово, истовремено и министер за надворешни работи, Беџет Пацоли, се заблагодари за одлуката за не-екстрадирање на Морина.

Благодарен сум им на властите на Северна Македонија за принципиелната одлука донесена во врска со ова прашање и соработката која ја имавме да го решиме на најдобар начин, изјави Беџет Пацоли – вицепремиер на Косово.

Од друга страна пак, шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ вели дека станува збор за политичка одлука.

Ако некој се наоѓа на потерница на Интерпол, тогаш што има да се размислува дали да го екстрадира или не. Тука очигледно во прашање се политички причини, изјави Ивица Дачиќ – министер за надворешни работи на Србија.

Пријателот на Морина кој вчера говореше пред новинарите, ја повика Македонија да не ги зема предвид барањата на Србија.

Новинарот: Како го коментирате вие апсењето?
Bujar Ѕрѕа: Неправедно е. Не е добро Македонија да ја слуша Србија. Србија „умре“, а починатиот човек не треба да го слушаш веќе.

Инаку, Морина 20 дена беше во притвор во Шутка. Беше уапсен на 24-ти јули, со потерница од ИНТЕРПОЛ издадена по барање на Србија.