Регион 28. септември 2018. / 12:36

Тачи: За Косово нема друга алтернатива освен ЕУ и НАТО

Тачи: За Косово нема друга алтернатива освен ЕУ и НАТО

За Приштина не постои алтернатива за членство во ЕУ и НАТО, изјави косовскиот претседател Хашим Тачи и додаде дека план Б ниту постои, ниту се бара.

Во авторски текст за „Фајненшл Тајмс“ тој наведе дека додека Белград и Приштина не ги решат своите разлики, нема да дојде до членство во ЕУ, поради што е многу важно да се постигне правно обврзувачки договор со Србија.

Според него, постои голема можност други да ја искористат предноста на моменталниот вакуум, поради што тој и претседателот на Србија Александар Вучиќ повторно се ангажирале за да најдат „активни и креативни решенија“ кои ќе донесат праведен и конечен договор.

– Потребно ни е трајно решение кое ги покрива постоечките разлики и можните точки на идните судири. Нема да прифатиме привремени договори или продолжување на статус кво, рече Тачи.

Како една од областите на судир, тој ја означи границата меѓу Србија и Косово за која, како што вели, многу се пишувало во претходниот период и вели дека корекција на границите не може да се заснова врз принцип на етничка поделба.

– Не сакаме да ги разделуваме нашите два народи. Непотребно е да кажеме дека секој конечен договор мора да биде зацврстен со гаранции од ковано железо за континуирана заштита на правата на сите заедници кои ќе останат во нашите земји, вклучувајќи ја и заштитата на верските објекти, напиша Тачи.

Тој додаде и дека не се бара создавање услови за измена на границите каде било во регионот, како на пример границата со Албанија, и покрај тоа што некои зборуваат за такво нешто.

– Косово никогаш не било преседан. Тоа ќе остане случај sui generis, вели Тачи.