Претседателот на Косово Хашим Тачи најави дека идната недела ќе ги преземе дејствијата, согласно неговите уставни овластувања, за формирање нова влада на Косово, со оглед дека сегашната влада е во оставка, откако на 25 март ѝ беше изгласана недоверба од Собранието.
Тачи на „Твитер“ соопшти дека на земјата ѝ е потребна влада со целосен легитимитет од собранието, која ќе му служи на народот и ќе биде способна да се соочи со кризата предизвикана од епидемијата на Ковид-19.
Тој порача дека е потребно да се зајакне поддршката од САД и Европската унија за Косово, а за таа цел треба да се укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, како и реципроцитетот што го воведува владата во оставка на Албин Курти кон Белград.
Идната недела ќе ги преземам последните уставни чекори за да се овозможи формирање нова влада, која ќе има целосен легитимитет од собранието и ќе биде способна да се бори против Ковид-19 и да му служи на народот. Таксата и реципроцитетот треба да се укинат за да се зајакне подршката од САД и ЕУ за Косово, напиша Тачи.
Next week I’ll take the final constitutional steps to enable the formation of a new Government w/ full legitimacy from Parliament, capable to fight #COVID19 and serve the people. Tariffs & reciprocity need to be dropped in order to strengthen USA & EU support for Kosova.
— Hashim Thaçi (@HashimThaciRKS) April 19, 2020
По изгласувањето недоверба на сегашната влада, Тачи во неколку наврати побара од Курти, како лидер на партијата победничка на изборите од минатиот октомври, Движење Самоопределување (ВВ), да именува кандидат за состав на новата влада.
Курти ги одбива барањата на претседателот, тврдејќи дека нова влада во ваква ситуација, според неговото толкување на Уставот, може да се формира единствено по нови избори, кои би се одржале откако ќе помине епидемијата на Ковид-19.