Регион 02. декември 2018. / 19:58

Тачи: Сега е момент сите да бидат победници, и Косово, и Србија, и ЕУ, и регионот

Тачи: Сега е момент сите да бидат победници, и Косово, и Србија, и ЕУ, и регионот

Косовскиот претседател Хашим Тачи зборуваше на Атлантскиот совет во Вашингтон и кажа дека сеопфатен договор за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина „по вековниот конфликт ќе ја затвори Пандорината кутија на Балканот“.

Тој оцени дека двете страни сега се „спремни и сакаат да дојдат до договор“.

Тачи наведе дека сегашниот момент е преседан за регионот и дека, како што кажа, „двете суверени земји сега сакаат договор“ за кој е потребен компромис.

-Некогаш можеби сте во право 100 отсто, но ако сакате да дојдете до договор мора да бидете спремни на компромис, кажа Тачи за време на разговорот кој го водеше извршниот потпретседател на Атлантскиот совет Дејмон Вилсон.

Според него, времето истекува и сега е моментот за дејствување и за постигнување решение.

-Сега е историскиот момент. Сите ќе бидат победници – и Косово, и Србија, и ЕУ, и регионот, но ако не го направиме тоа сите ќе бидеме губитници.

Тачи кажа дека и Белград и Приштина трагаат за постигнување конечен мировен договор и дека ги истражуваат можните идеи, но дека по тоа прашање ништо не е договорено. Белград и Приштина, според него, знаат дека не можат да продолжат по сегашниот пат и дека статус квото е неодржливо, а дека замрзнат конфликт им штети и на едните и на другите.

-Што е главната цел на дијалогот – конечен мировен договор за целосна нормализација на односите и помирување н двете земји и двата народи, договор кој е меѓународно правно обврзувачи, компромисно решение кое значи заемно признавање меѓу Косово и Србија. Без признавање договорот нема да има значење, смета Тачи.

Кога ќе се постигне договор за заемно признавање, уверен е Тачи, Косово ќе го признаат и оние пет членки на ЕУ кои не го признаваат и ќе може да стане членка на ОН.

Тој го повтори и ставот дека нема да има граници вдолж етничките линии ниту размена на популациите, наведувајќи дека е смешен „оној кој зборува за мирна размена на населението“.

На прашањето за воведувањето на царините од 100 отсто на стоката од Србија и БиХ, Тачи кажа: „Прво БиХ нека го признае Косово. Среќен сум што во БиХ има сѐ повеќе гласови кои повикуваат на признавање на Косово. Сепак, ние сме жртви на истиот агресор. Овие дневни прашања со кои се соочуваме ќе бидат надминати со добрала волја на регионалните актери, САД и ЕУ“, кажа Тачи.