Регион 16. февруари 2020. / 12:19

Тачи: Горд сум што бев војник на ОВК

Тачи: Горд сум што бев војник на ОВК

Косовскиот претседател, Хашим Тачи изјави дека е горд што бил војник во Ослободителната војска на Косово (ОВК) од нејзиното основање и дека му е најголема чест во животот што ја носел нејзината униформа и бил нејзин политички директор.

– Никојпат не помислив, ниту пак верував, дека ќе дојде ден кога член на Собранието на Република Косово ќе рече дека актуелниот премиер на Косово пред Србија е појак, бидејќи нема кривично досие како припадник на ОВК. Ја прашувам дотичната дама: Кои злосторства ги направила ОВК, напиша на својот фејсбук, Хашим Тачи.

Претседателката на косовското собрание, Вјоса Османи изјави неодамна дека преговорите со Белград се во надлежност на премиерот Албин Курти и владата, а не на претседателот Хашим Тачи.

Како што пренесува Косово онлајн, Тачи истакнал дека ОВК имало само една мисија – протерување на Србите од Косово.

– ОВК го оствари сонот на жителите на Косово. Добивме слобода, независност и суверенитет… Имаме среќа што го убедивме најмоќниот сојуз на светот, НАТО, да ни помогне и заедно да ја ослободиме нашата земја. Ослободувачи на Косово се сите граѓани на нашата земја, наведува Тачи.