Косовскиот претседател, Хашим Тачи, во САД се состана со поранешниот американски претседател, Џорџ Буш и ја искористил приликата да го одликува со „Орден на независноста“ во знак на почитта што Косово ја има кон семејството Буш, пренесе косовската радио телевизија РТК.
-Во Далас се сретнав со големиот пријател на независноста и слободата на Косово, претседателот Џорџ Буш. Во текот на оваа пријателска средба, зборувавме за политичките случувања во Косово и во регионот. Албанците на Косово доживотно ќе имаат почит кон прекрасното семејство Буш, истакнал Тачи.
Претседателот на Косово додава дека со соговорникот се согласиле оти постигнувањето на конечен договор меѓу Косово и Србија е задолжително со цел да се означи крај на вековниот конфликт, а тоа значи взаемно признавање и членството на Косово во ОН, НАТО и ЕУ.
-Се разбира, постигнувањето на ваков договор не е воопшто лесно, но претседателот Буш ми даде еден корисен совет кој ќе го споделам со вас: ‘Како лидери нема да бидете запаметени по популистички одлуки, туку по тешките но праведни одлуки кои ќе ги донесете за вашиот народ и вашата земја, вели Тачи.
Српските медиуми потсетуваат дека Косово прогласи независност токму кога Буш беше претседател на САД.