Регион 07. октомври 2018. / 20:31

Столтенберг во Белград: Бомбардирањето служеше за заштита на цивилите и за да се смени Милошевиќ

Столтенберг во Белград: Бомбардирањето служеше за заштита на цивилите и за да се смени Милошевиќ

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вчера рече дека многу луѓе во Србија сè уште имаат лоши спомени од бомбардирањето во 1999 година, но дека тоа било направено со цел да се заштитат цивилите и да се урне владата на тогашниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ.

„Јас истакнав дека тоа го направивме за да ги заштитиме цивилите и да го запреме режимот на Милошевиќ. Но мојата најважна порака е дека ние мора да гледаме кон иднината“, рече Столтенберг за Радио-телевизија Србија (РТС), по предавањето на Филолошкиот факултет, каде што студентите најмногу прашања поставиле за бомбардирањето на Југославија.

Тој додаде дека НАТО го поддржува дијалогот помеѓу Белград и Приштина, и тоа не само политички.

„Дијалогот е потребен за надминување на разликите и наоѓање политичко решение. НАТО го поддржува тоа, не само политички, туку и затоа што ние сме присутни на Косово во вид на КФОР, задолжени за одржување на безбедноста. Ние и понатаму ќе бидеме тука за да ги заштитиме сите заедници“, рече Столтенберг.

По завршувањето на предавањето на Филолошкиот факултет тој го посети Студентскиот парк.

Столтенберг за РТС го коментираше и своето детство во Белград и рече дека се сеќава на „првиот сладолед на Калемегдан“ и на детската песничка „Ринге ринге Раја, дошо чика Паја“.