Српскиот пулмолог, Бранимир Несторовиќ, вели дека симптомите на корона вирусот се многу слични со тие на другите вируси, но дека постои еден симптом кој јасно го издвојува од останатите вируси.
Како што пренесува српски „Блиц“, станува збор за губењето на сетилото за мирис.
Овој симптом е заеднички за сите. Тоа е првиот симптом кој е сигурен. Губењето на сетилото за вкус поретко се случува, но сетилото за мирис прво исчезнува и знаеме со сигурност дека тоа е и првиот симптом на корона вирусот – рекол д-р Несторовиќ.
Како што вели д-р Несторовиќ, разликата помеѓу оние коишто имаат алергија и киваат додека се надвор и оние коишто имаат корона вирус е тоа што оние коишто имаат алергија ќе престанат со кивање веднаш штом ќе влезат дома.
Овој вирус ги напаѓа цревата, бубрезите, мозокот, а има особини коишто ги нема ниту еден друг вирус. Овој вирус се задржува и до 14 дена, што вообичаено не е случај. Не ги напаѓа децата, а тие се обично најзагрозени. Многу е чуден, ние тоа така не го учевме – изјавил д-р Несторовиќ.
Д-р Несторовиќ вели дека е тешко веднаш да се процени дали станува збор за вирусот и дека на лекарите им е многу тешко тоа веднаш да го проценат доколку болеста не земала веќе замав во земјата.
На почетокот тешко е веднаш да се процени дали станува збор за корона вирусот, лекарите прво мислат дека станува збор за воспаление на белите дробови. На тој начин епидемијата се прошири во Италија. Тоа така изгледа на почетокот – објаснува Несторовиќ.
Тој ги потврдува шпекулациите дека дебелите луѓе имаат повеќе проблеми и се поризични пациенти кога станува збор за корона вирусот. Д-р Несторовиќ смета дека вишокот килограми секогаш може да направи дополнителен проблем.
Салото во стомакот, особено кај мажите, може сериозно да влијае на здравјето, особено во оваа ситуација – вели д-р Несторовиќ.