Делегација на српското Министерство за економија и компанијата „Луфтханза“ во Берлин попишале Писмо за намери за повторно воспоставување на авиолинијата меѓу Белград и Приштина
Во соопштението на министерството се оценува дека со тоа е направен чекор со кој ќе се олесни патувањето и комуникацијата на граѓаните од сите националности и ќе го направи Белград поблиску до Приштина и обратно.
– Покрај зголемување на бројот на патници на Белградскиот аеродром и на српската авиокомпанија (Ер Србија), авиолинијата ќе отвори можности и за бизнис заедницата, која на овој начин би била подобро поврзана и со поефикасни можности за промет на стоки – се наведува во соопштението.
Во соопштението се додава дека со потпишувањето на ова исклучиво комерцијално Писмо за намери, Србија покажала јасна определеност за унапредување на слободен проток на стоки, луѓе и капитал и спротивставување на вештачки наметнатите бариери.
Директорот на владината Канцеларија за Косово и Метохија (КиМ), Марко Ѓуриќ, изјави за РТС дека таа линија би можела да заживее по укинување на таксите за стоки од Србија и по воспоставувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина.
– Потпишувањето на писмото за намери ќе биде првиот симболичен чекор за обновување на авиолинијата меѓу Белград и Приштина по 20 години. Со тоа, покрај 12-те автобуси кои редовно ги поврзуваат Белград и Приштина, во иднина може да добиеме и авиолинија – изјави Ѓуриќ.
Српските власти за оваа намера ќе ги известат УНМИК и КФОР, кои според Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН и според Воено-техничкиот договор од Куманово, се задолжени за контрола и координација во името на Србија на воздушниот простор на Србија на Косово.