Српската Православна Црква во четврток ќе започне процедура за избор на 46-ти поглавар кој, после смртта на патријархот Иринеј, ќе го преземе тронот на СПЦ.
Соборот на СПЦ, на кој се избира новиот патријарх, ќе се одржи во Белград, во Храмот на Свети Сава, а ќе започне со литургија со која ќе служи најстариот од сите владици, митрополитот добробосански Хризостом.
Право на глас имаат 43 архиреи, од кои 34 исполнуваат критериум да бидат бирани. Се очекува Соборот да ја заврши процедурата до крајот на денот, а новиот патријарх во таков случај формално би можело да биде устоличен во петок.
И 46-от патријарх ќе се избира со апостолска ждребка, а процедурата предвидува имињата на тројца кандидати кои ќе добијат најмногу гласови, односно повеќе од половината, да бидат ставени во посебни коверти, а истите потоа во Евангелие.
Завршната процедура предвидува одреден монах да извлече еден коверт од Евангелието, и кандидатот чие име ќе биде во ковертот ќе стане 46-от поглавар и ќе го преземе управувањето со СПЦ.
Ниту во еден дел од изборната процедура не се предвидува присуство на медиумите, а по завршување на заседавањето Соборот официјално го соопштува новиот поглавар.