Регион 06. ноември 2020. / 21:29

СПЦ: Патријархот Иринеј се чувствува добро

СПЦ: Патријархот Иринеј се чувствува добро
фото: Ројтерс/ Стево Васиљевиќ

Поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), Иринеј, кој бeше позитивен на коронавирус, се чувствува добро и е под надзор на најдобрите лекари, изјави денеска старешината на црквата Свети Сава во Белград, владиката Стефан Шариќ.

Шариќ изјави за „Блиц“ дека патријархот сè уште нема симптоми на инфекција.

-Да не беше патувањето во Подгорица, каде служеше погребална служба за блажениот митрополит црногорско-приморски Амфилохије, тој немаше да биде тестиран бидејќи немаше индиции дека е позитивен, рече тој.

Додаде дека се смирени оти „тој е под будното око на најдобрите лекари“ и секоја промена се следи за да не дојде до некои можни непредвидени компликации.

-Бидејќи тестот покажа дека е позитивиен, на наше инсистирање, тој е задржан во болница, бидејќи човекот има 90 години и не сакавме да се случи нешто непредвидливо, рече владиката.

Тој додаде дека биле тестирани сите владици и други духовници кои заминале од Белград во Подгорица, и дека сите тие имале негативен резултат.