Насилниот екстремизам како феномен добива големо внимание во меѓународната политика, и со право, поради зголемената свесност дека треба да се одговори на потеклото на терористичката активност, а не само да се фокусира на запирање на нападите. Справувањето со насилниот екстремизам, всушност, мора да вклучува холистички пристап чија цел е да ги испита и да ги разработи причините и факторите кои доведуваат до тоа поединци да прифатат екстремистички идеологии.
Ова, меѓу другото, го истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето на Форумот на министри од Западниот Балкан на тема „Колаборативни пристапи во справувањето со екстремизмот преку дејствување“, кој се одржува во Будва, Црна Гора, во организација на Меѓународниот републикански институт и Министерство за внатрешни работи на Црна Гора.
Посочувајќи дека екстремизмот, покрај опасностите од нарушување на општествената кохезија, односно продлабочување на поларизацијата по етничка и верска линија, како главна закана, т.е врвен безбедносен приоритет за државите ја генерира и можноста од терористичко делување, министерот Спасовски нотираше неколку важни поенти од аспект на позицијата и активностите на Република Македонија на овој план.
– Балканските земји, меѓу кои и Република Македонија, пред сé, поради геостратешката положба и специфичните етнички, социјални и политички карактеристики, претставуваат погоден терен за стационирање и егзистирање на екстремни и радикални поединци и групи. Независно од нивната политичка, идеолошка или религиозна заднина, присуството на екстремни поединци и групи и ширењето радикални ставови, идеи и заложби во регионот упатуваат на реална опасност од вршење акти на насилство со елементи на тероризам. – нагласи Спасовски, додавајќи дека оттаму приоритетен национален безбедносен интерес е изнаоѓање најадекватни начини и средства за спротивставување, користејќи ги инструментите кои им се на располагање на современите држави.
Во тој контекст, како што соопшти МВР, Спасовски потенцираше дека „покрај низата законски и други релевантни акти, како Националната стратегија за спречување перење на пари и финансирање на тероризам и Национална стратегија за одбрана на Република Македонија, појдовна основа за институционално делување претставуваат и Националната стратегија за спречување насилен екстремизам и Националната стратегија за борба против тероризам, со пропратните акциски планови, кои се одраз на севкупните цели и интереси на државата на планот на јакнење на националната безбедност“.
-Како одговор на безбедносните ризици, Република Македонија постојано ги надградува своите национални капацитети, согласно безбедносната стратегија и напорите на меѓународната заедница за заедничка борба против тероризмот, притоа исто како и сите земји во регионот и пошироко давајќи и императивен приоритет на борбата против тероризмот. – рече министерот Спасовски на министерскиот форум во Будва.