Регион 04. август 2020. / 13:49

Состојбата со Ковид-19 во регионот: Во Албанија почина лекар, во Србија пад на бројот на новозаразени

Состојбата со Ковид-19 во регионот: Во Албанија почина лекар, во Србија пад на бројот на новозаразени

Преглед на состојбата со корона вирусот во земјите во регионот во изминатото деноноќие.

Албанија

Во болницата во Тирана, почина познатиот албански пулмолог Анибал Бибери (53). Тој прво се лекувал во домашни услови, но пред неколку дена бил префрлен во болницата.

Тој е трет лекар кој ја загубил битката со Kовид-19. Во Албанија деновиве е забележан голем пораст на бројот на новозаболени. Во земјата два дена по ред беа регистрирани рекордни бројки од почетокот на панедмијата.

Косово

Седум лица починаа, а 250 се регистрирани како позитивни на корона вирус во Косово, во изминатите 24 часа.

Заега 256 лица ја загубиле битката со вирусот во земјата, а се заразиле 9.049 лица, од кои 4.989 се излекувале. Како активни носители на вирусот во Косово се водат 3.804 лица.

Србија

Во последните 24 часа во Србија се регистрирани 258 нови случаи на инфекција со корона вирус, а починале 8 лица. Извршени биле 7168 тестирања. Во земјата на ресиратор се наоѓаат 146 пациенти.

Ова е најмал број на новозаразени лица од 29 јуни, кога биле регистрирани 242 случаи.

Грција

Во изминатите 24 часа во Грција регистрирани се 77 новозаразени од корона вирус, а починале 2 лица. Најголем дел од новозаразените се од областа Атика, поширокиот дел на Атина.

Од почетокот на епидемијата во Грција се регистрирани вкупно 4.737 случаи, а починаа 210 лица.

Бугарија

Во Бугарија се регистрирани 119 нови случаи на корона вирус, од направени 1.500 тестови.  Падот на новите случаи е резултат на помалку тестови, што е вообичаено за време на викендите, информираат бугарските медиуми.

Пријавени се уште три жртви на вирусот, а 46 пациенти се уште се лекуваат во единиците за интензивна нега.

Бројот на заразени од почетокот на пандемијата во Бугарија изнесува 11.955 лица. Излечени се 6.420, а починале 388 луѓе. Во моментов,  5.147 случаи се водат како активни.