Обвинителството соопшти дека при претресите, покрај пронајдените пари имало и значителни средства во биткоини. Дел од поткупот кој обвинетите во случајот со издавање потврди за потекло во процесот на издавање бугарски пасош, го примале во виртуелни валути, пренесува Телма .
Меѓу страниците на делото има низа протоколи во кои се пронајдени значителни парични суми кај различни лица. Вклучително во собраните докази има пронајдено и адреси на биткион паричници и има докази дека дел од паричните средства од поткупите биле трансферирани во виртуелни валути, вели обвинителот Ангел К’нев.
Од четирите обвинети на почетокот на судот во притвор остануваат тројца. Директорот на Државната агенција за Бугарите во странство Петар Харалампиев, генералниот секретар Красимир Томов и Марко Стојов. Четвртата обвинета, поради влошената здравствена состојба, била пуштена да се брани од слобода со парична гаранција.
Истрагата е во доста рана фаза, истражувањето на паричните текови започна дури вчера, кога беа побарани даночни ревизии за повеќе лица, не само за обвинетите. Побаравме соработка од КОМПИ и НАП, како и од сличните органи во соседните земји, вели К’нев.
Одбраната побара ослободување и тврди дека кај четирите обвинети немало пронајдено пари од поткупи.
Во делото не е пронајден ниту еден лев, кај никој од обвинетите. Тие 3.000 беа обележани? Ги нема, какви пари?, тврди адвокатот на одбраната Николај Кокинов.
Истрагата била започната во јули минатата година, кратко откако Харалампиев стапил на функцијата. Обвинителството ги сомничи токму директорот Харалампиев и секретарот Томов дека ја организирале групата за да издава неосновани потврди за бугарско потекло на странци, со цел добивање бугарски пасош. За таа услуга наплаќале од 5 до 8 илјади евра, давани на најниските службеници а потоа распоредувани низ агенцијата од Харалампиев и Томов.