Граѓаните на Северна Митровица се во паника, затоа што леб има, а млеко има само за уште неколку дена, пишува Фокус.
Во повеќето продавници во градот, леб имало во доволна количина и ова утро. За нив лебот пристигнува и од пекарниците од Зубин Поток.
Краткотрајното млеко од Србија повеќе не е во продавниците, а долготрајното е на залиха, и ќе има за наредните два-три дена.
„Некои помали продавници кои се снабдуваат од јужниот дел на градот останаа без леб бидејќи на Косово, јужно од Ибар, кај Албанците брашното поскапе од 290 на 370 евра по тон, сега лебот е многу скап што луѓето немаат сметка да го купуваат“, вели еден од продавачите.
Лебот во продавниците ова утро, како и во изминатите денови чини 50 динари, два литра долготрајно млеко околу 160 динари.
„Не се плашам, ако се плашам не би останала тука да живеам“, изјавила една пензионерка за српските медиуми.
Деновиве косовските Албанци палеа српски производи. Односите меѓу двете земји се влошија, откако Косово ја обвини Србија дека водела кампања за да тие не влезат во Интерпол, по што ги зголемија таксите за српските производи.
Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, упати писмо до шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, во однос на зголемувањето на царините за 100 проценти за стока од централна Србија и Босна и Херцеговина, во кое тој вели дека Приштина е посветена на принципите за слободна трговија и дека бара заемно почитување, вистинска соработка и реципроцитет.