Поради можноста во Словенија да има поголем број на случаи на т.н. англиски вид коронавирус, словенечката влада ќе ги преиспита одлуките за олеснување на мерките следната недела, објави словенечкиот премиер Јанез Јанша на вонредна прес-конференција.
Јанша рече дека првиот случај на инфекција со англискиот вид е потврден кај косовски државјанин кој престојува во Словенија, а кој се вратил од Белгија.
Словенечкиот премиер кажа дека веќе започнало преиспитување на стотици луѓе со позитивен тест за коронавирус во сите словенечки региони, со цел да се утврди дали станува збор за англискиот вид.
Јанша изјави дека некои наоди биле позитивни, но ги негираше извештаите во некои медиуми дека веќе биле потврдени десетина вакви случаи.
– Податоците за состојбата со епидемијата од последните три дена не влеваат оптимизам, рече Јанша, додавајќи дека состојбата со бројот на новоинфицирани во неколку региони е влошена.