Регион 13. декември 2020. / 13:41

Словенија ги продолжува строгите мерки за уште една недела

Словенија ги продолжува строгите мерки за уште една недела

Владата на Словенија го продолжи за уште една недела привременото затворање на продавници кои не се од потребно значење за населението, а денес треба да ја продолжи седницата за понатамошните мерки и ограничувања во борбата против коронавирусот.
Новиот декрет за продолжување на забраната, кој започна на 16 ноември во обид да се потисне епидемијата на коронавирус, ќе стапи на сила денес, пренесува СТА.

Владата доцна синоќа одлучи да ги продолжи мерките по консултации со здравствени и деловни претставници, проценувајќи дека состојбата поврзана со вирусот ковид-19 во земјата не се подобрува.

Владата исто така најави дека денес ќе продолжи со дискусијата за мерките против коронавирусот во „потесен формат“, соопшти владината канцеларија за комуникации.

Втората точка на дневниот ред може да биде 7-миот пакет за стимулации за економијата. На консултациите што се одржаа вчера на Брдо кај Крањ, управителите на болницата предупредија дека имаат многу ограничени резерви за какво било потенцијално зголемување на бројот на пациенти со Ковид-19.

Според извештајот на ТВ Словенија, официјалните лица на состанокот предупредиле дека бројот на пациенти на болничко лекување може да се зголеми до 30 проценти во јануари, исто така, поради други итни случаи.