Регион 26. март 2020. / 10:39

Словачка преку мобилен ќе го следи движењето на заразените со Ковид-19

Словачка преку мобилен ќе го следи движењето на заразените со Ковид-19

Во екстремно брза процедура, словачкиот парламент одобри измена на законот, со кој државата може да пристапува кон заштитени податоци на мобилните телефони на граѓаните за време на пандемијата.

Со 91 глас „за“ и 43 „против“, амандманот ќе им овозможи на државните здравствени власти да ги користат податоците за локација на мобилните телефони за да ги следат движењата и контактите на луѓето заразени од коронавирусот.

Владејачката четирипартиска коалиција, предводена од конзервативецот Игор Матовиќ, која е на власт од саботата, сака да провери дали се кршат карантинските регулативи.

Ако некое лице се тестирало позитивно за Ковид-19, со новите мерки би се предупредувале луѓето со кои заразеното лице стапило во контакт.

По протестите на Социјалдемократската опозиција, првичниот предлог на владата беше одбиен во парламентот, така што телефонските повици и СМС-пораките не може да се следат, само податоците за локацијата.

Опозицијата предупреди дека законот може да ги загрози граѓанските права и да и овозможи на владата да ги шпионира граѓаните.

Мерките се ограничени на времетраењето на кризата со коронавирус.