Регион 10. септември 2018. / 17:25

Скандалозен говор на Вучиќ: Милошевиќ беше голем лидер, Србите гинеа за Книн, Сараево и Приштина

Скандалозен говор на Вучиќ: Милошевиќ беше голем лидер, Србите гинеа за Книн, Сараево и Приштина

Вучиќ на жителите на Бање им се обрати преку телефон, а потоа одржа говор во Косовска Митровица со низа контроверзни изјави.

Српскиот претседател се присети на озлогласениот собир на Газиместан на кој пред повеќе стотици илјади луѓе зборуваше Слободан Милошевиќ, кого Вучиќ го опиша како „голем лидер“.

„Пред речиси 30 години, недалеку од тука, стотици илјади луѓе, а Слободан Милошевиќ тогаш беше доволно голем за да ги собере во толкав број, на Газиместан го дочекаа крајот на неговиот говор, славен или неславен, во зависност од тоа кој како го толкува, со пеење. И тоа во хор, сите стотици илјади, пееја со вера и уверување, пееја занесени и понесени, онаа познатата „Ко то каже, ко то лаже, Србија је мала““, кажа Вучиќ во Косовска Митровица.

Во таа песна се спомнуваат три војни, кажа српскиот претседател, додавајќи: „А од тогаш ги имавме уште“.

„Не по своја, но не исклучиво и по туѓа вина. Официјално и неофицијално, им помагавме на своите браќа. Србите гинеа за Книн, за Сараево, за Приштина. Во Книн денес се вее шаховница која таму никогаш ја немало, во Сараево бројот на Србите е 50 пати помал од оној што беше, а во Приштина живеат само неколку Срби“, кажа Вучиќ.

„Нѐ нема повеќе ни на Косово поле каде многу нешта почнаа, и тоа не затоа што Хрватите, муслиманите или Албанците биле посилни или похрабри од нас, туку затоа што не ја разбравме позицијата на Србија и светот, поради тоа што не сфативме дека не сме сами на светот и дека без светот не се може. Поради тоа што ги потценувавме сите други и што не знаевме да сметаме. Затоа што секога се глледавме и слушавме себе, другите не нѐ интересираа“, кажа Вучиќ.

„Милошевиќ беше голем српски лидер, намерите секако му беа најдобри, но резултатите беа многу полоши. Не затоа што тој тоа го сакаше, туку затоа што желбите не беа реални, а интересите и тежнеењата на другите народи ги занемаривме и потценивме. И затоа ја плативме најголемата и најтешка цена. Не станавме поголеми. Или, подобро кажано, не станавме поголеми на оној начин кој некои го замислуваа. Денес, без капка крв, каде било, сме“, кажа српскиот претседател.

Вучиќ кажа дека на граѓаните сака да им овозможи безбеден живот „на својата земја“ и порача дека Србите и Албанците денес не знаат каде им се границите бидејќи „сите мислат различно“.

„Сакам за вас да ги освојам сите права што ги има цивилизираниот свет – слобода и безбедност, а ако поради тоа мора да правиме компромиси секогаш ќе го правам тоа, но немојте тоа да го нарекувате со погрешно име бидејќи српската слога ја нема веќе шест века“, кажа Вучиќ во говорот во Косовска Митровица.