Регион 06. ноември 2018. / 14:30

Скандалите во надворешната политика на Косово на дневен ред во Парламентот

Скандалите во надворешната политика на Косово на дневен ред во Парламентот

Пратеничките групи на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Движењето Самоопределување (ВВ) денеска до косовското Собрание поднесоа барање за вонредна седница, на чиј дневен ред ќе биде една точка: „Парламентарна дебата за неуспесите и скандалите во надворешната политика на Република Косово“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти пратеничката група на опозициската ЛДК, вонредната седница е побарана затоа што „надворешната политика на Косово е расштимана со последните скандали кои нанесуваат огромни штети на имиџот на Косово во светот“.

– Наместо да бидат долгорочни, приоритетите на надворешната политика се менуваат секојдневно, создавајќи конфузија и непријатни ситуации наспроти меѓународните партнери, при што стопирањето на процесот на признавање на независноста на Косово е само една од последиците на оваа расштимана, неподготвена и штетна за државата надворешна политика – се вели во соопштението.

Двете опозициски партии бараат вонредната собраниска седница да се одржи на 16 ноември.