Бугарски патници принудиле шестмина Англичани да се симнат од авионот, што летал на линијата Софија-Лондон, поради страв од корона вирусот, соопшти offnews.bg. Авионот полетал синоќа во 20 часот, но без Англичаните.
Зимскиот центар Банско е под целосна блокада, откако англиски турист заразил тројца Бугари со корона вирусот. Заразениот Англичанец е во болница, но без знаење на бугарските власти останатите членови од неговата група од туроператорот биле сместени во хотел во Софија за да чекаат лет за Лондон.
Ова, пак, предизвика гнев кај премиерот Бојко Борисов, кој го обвини туроператорот за неодговорност, а по негова наредба пред хотелот е поставена полиција, која го блокира излегувањето и влегувањето во хотелот.
Не е јасно дали симнатите Англичани од авионот се припадници на таа група, но очигледно е дека останатите патници сметале дека се токму тие.
На друго видео направено неколку минути порано се гледа патници, кои чекаат на терминалот, креваат тревога кај вработените на аеродромот, зашто дозволиле мешање на две редици за чекирање. Според патниците, имено, Англичаните биле туристите од Банско, кои чекале свој чартер авион, но тој не дошол.
Откако дошол шефот на аеродромот да ги смири страстите се покажало, меѓутоа, дека шестмина Англичани веќе се качиле на авионот. Бидејќи авионот бил полупразен, еден од нив предложил да се поделат и раздвојат-Англичаните да седнат напред, а Бугарите одзади и меѓу нив да останат осум слободни редови.
Меѓутоа, бугарските патници не се сложиле со предлогот и инсистирале капетанот да донесе одлука.
-Заради еден заболен, цел град е ставен во карантин. Разбирам дека сакате да се вратите дома, но тука сме 150 луѓе и сите имаме семејства, вели еден од бугарските патници.
По ова, капетанот на авионот одлучил Англичаните да се симнат од авионот.