Регион 02. јули 2019. / 10:05

СИРИЗА обелодени писмо од Караманлис кој во 2005-та година го прифатил името Македонија

СИРИЗА обелодени писмо од Караманлис кој во 2005-та година го прифатил името Македонија

Партијата на Алексис Ципрас, СИРИЗА во пресрет на предвремените избори што треба да се одржат в недела, ја напаѓа „хипокризијата на НД“, која во времето на конзервативниот премиер Костас Караманлис била подготвена да прифати двојна формула за името и неменување на македонскиот устав.

Во прилог на ова, обелоденуваат писмо на Костас Караманлис до американскиот претседател Џорџ Буш од 2005 година, кој бил подготвен да го прифати тогашниот предлог на Нимиц.

1) да го прифати предлогот – двојна формула,

2) на своја рака, без консултација со останатите партии, да го прекрши, тогаш се уште актуелниот, консензус за црвените линии од 1992 година, т.е. невклучување на зборот “Македонија” во името (наредната меѓупартиска линија е утврдена дури во 2007 година),

3) да не бара уставни измени, 4) да не го проблематизира воопшто прашањето за државјанството/националноста и

5) да не го спомнува именувањето на македонскиот јазик…

Писмо:

ПРЕМИЕР Атина, 8 април 2005 година

До Неговата Екселенција Џорџ В. Буш

Драг Џорџ,

Ти благодарам за пораката и за убавите зборови испратени до мене преку министерот за надворешни работи Моливијатис.

Во твоето писмо од 16 ноември 2004 година, ти ја потврди твојата поддршка на постојните напори на Обединетите нации за наоѓање на решение за прашањето за името на поранешната југословенска Република Македонија, како и за твојата подготвеност да прифатиш решение што ќе произлезе од тие преговори. Токму затоа би сакал да те информирам за последниот развој на овие преговори што се одвиваат под покровителство на Обединетите нации меѓу Хеленската република и поранешната југословенска Република Македонија (ФИРОМ). За првпат по потпишувањето на Времената спогодба на двете страни на 13 септември 1995 година, Специјалниот претставник на генералниот секретар на Обединетите нации, господинот Метју Нимиц поднесе предлог, во вид на сеопфатен нацрт на Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации, во однос на конечно решение на ова исклучително прашање.

Поконкретно, името што е предложено од страна на Специјалниот претставник е „Република Македонија – Скопје“, кое би се користело непреведено. Ова име би се користело за сите официјални намени во рамки на системот на Обединетите нации. Понатаму, предлогот ги повикува другите меѓународни организации, како и Соединетите држави, да го користат гореспоменатото име за меѓународна официјална намена. Уставното име „Република Македонија“ ќе продолжи да се користи за внатрешна намена во рамки на ФИРОМ, што значи дека нема да има уставни измени што би можеле да имаат негативни несакани ефекти на Охридскиот договор од 2001 година, што е потребно.

Овој предлог не ги задоволува нашите позиции, но ние ќе бидеме подготвени да го прифатиме како основа за решение. Како што имав можност да те информирам во моето писмо до тебе од 29 ноември 2004 година, Грција е подготвена брзо да ги заклучи разговорите во Њујорк. Изминатите 15 години, различни фактори спречуваа наоѓање на решение меѓу двете земји. Јас сум лично подготвен веднаш да поддржам договор. Во тој поглед, Грција е подготвена за влез во оваа конечна фаза на преговорите со позитивен и конструктивен став со цел наоѓање на заеднички прифатливо решение. Ова не само што ќе овозможи целосна нормализација на билатералните односи, туку исто така одлучно ќе придонесе во стабилизација на целиот регион и ќе ја укине главната блокада за поранешната југословенска Република Македонија на нејзиниот пат кон интеграција во Евро-атлантските структури.

Овој предлог им обезбедува уникатен прозор на можности на двете страни и ќе придонесе за понатамошна стабилизација на регионот. Затоа е клучно во оваа фаза за двете страни да го поддржат нацрт-предлогот на Обединетите нации.

Во поглед на посветеноста на Соединетите држави да играат клучна улога во стабилизацијата на регионот во целост, како и на предизвикот што произлегува од дефинирањето на идниот статус на Косово, искрено се надевам дека Соединетите држави активно ќе го поддржат овој предлог на Обединетите нации.

Искрено твој,
Костас Караманлис