Силни пожари беснеат во Хрватска. Три канадери и три авиони од типот „Ертрактор“ се ангажирани кај Метковиќ и Ќилипи кај Дубровник, како и Оребиќ на полуостровот Пељешац.
Покрај воздушните, на пожариштето кај Метковиќ ангажирани се и копнени сили со 52 војници и седум моторни возила, додека кај Оребиќ се наоѓаат 50 припадници со шест моторни возила, пренесе „Индекс.хр“.
„Во моментов приоритет ни е пожарот над аеродромот во Дубровник. За крајот на сезоната имаме голем број пожари, а бурата ни го отежнува гасењето и предизвикува проблеми со летањето. За среќа, денеска ситуацијата е помирна и верувам дека ќе успееме да ги изгасиме сите пожари“, изјави Томислав Славиќ од службите кои два дена учествуваат во гасењето на пожарите.