Регион 08. декември 2020. / 09:54

Шпанија не го признава Косово – дипломатски проблем во квалификациите за Светското првенство

Шпанија не го признава Косово – дипломатски проблем во квалификациите за Светското првенство

После вчерашната мундијалска ждрепка за Светското првенство во Катар во 2022 година, за квалификациите во Европа, не се сите најзадоволни од истата, а најмногу бес има во земјата на бившиот европски и светски првак Шпанија, на која ич не ѝ се допаѓа тоа што ќе игра со Косово.

Ако многу земји не се најсреќни од ждрепката за тоа кој посилен тим им паднал, во Шпанија, која е апсолутен фаворит во групата, од политичка гледна точка „ја колнат ждрепката“ откако им падна Косово. И тоа Косовците им паднаа, иако први беа извлечени од четвртиот барабан и требаше по редослед да одат во Групата А, ама таму беше Србија и поради ограничувањата од УЕФА, да не се среќаваат меѓусебе Србите и Косовците, тие се најдоа во група за Шпанија.

Поради ова угледната „Марка“ објави текст во анализата на противниците на „црвената фурија“ во која посебно од политички дел го посочуваат „проблемот Косово“. Дури потенцираат дека им ја ставиле најмладата членка во групата во која само една селекција ја признава оваа држава.

Шпанија е една од петте земји од Европската унија (ЕУ) која не го признава Косово и тоа поради сепаратистичките проблеми со две свои покраини, Баскија и Каталонија, како и проблемот со Гибралтар, за кој жестоко се противеа за членство во ФИФА и УЕФА, но британската колонија сепак веќе неколку години е дел од европското фудбалско семејство.

– Во групата е Косово, земја која Шпанија не ја признава, а само една земја од таа група ги признава. Косово не го признава ни Грција, ни Грузија, а ни официјален Мадрид. Ама сепак, таа ‘држава’ се најде во групата, пишува „Марка“.