Шпанија се заканува дека ќе го бојкотира самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб поради учеството на Косово, јави Радио Слободна Европа (РСЕ), повикувајќи се на „доверливи извори“ во Мадрид, Загреб и Брисел.
Шпанските власти ги предупредиле домаќините на самитот, што ќе се одржи во мај, дека нема да учествуваат на собир каде што Косово има еднаков статус со другите земји од Западен Балкан.
РСЕ исто така тврди од повеќе извори дека дипломати од други земји-членки на ЕУ веќе се информирани декоти е можно Шпанија, која е една од петте држави на ЕУ, коишто не ја признава независноста на Косово, да го прескокне самитот во Загреб.
Во писмениот одговор од шпанското Постојано претставништво во ЕУ се нагласува дека е рано да се потврди учеството на премиерот, затоа што Шпанија се уште не добила покана од хрватското претседателство.
РСЕ оценува дека претседателот на хрватскиот парламент, Гордан Јандроковиќ, исто така индиректно признал дека работите не одат непречено во организацијата на самитот, поради цврстиот став на една земја-членка на ЕУ.