Регион

Шефот на косовската дипломатија пријавил над 600 милиони евра имот

Шефот на косовската дипломатија пријавил над 600 милиони евра имот

Косовскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Беџет Пацоли и натаму е најбогатиот политичар во Косово, со пријавен имот и парични средства во вредност од над 600 милиони евра, јави дописникот на МИА од Приштина.

Пацоли во анкетниот лист доставен до Антикорупциската комисија на Косово, пријавил дека поседува недвижен имот во вредност од стотици милиони долари и евра, од кој најголемиот дел се наоѓа во странство.

Децении наназад Пацоли е познат како еден од најуспешните бизнисмени од Косово, а се стекна со големо богатство како изведувач на градежни работи, главно во Русија во времето на првиот руски претседател Борис Елцин, со кого, според медиумите, бил близок пријател.

Актуелниот шеф на коосвската дипломатија пријавил недвижен имот во вредност од 200 милиони евра и капитал од над 400 милиони евра во компании во негова сопственост.

Милиони евра Пацоли поседува и во готови пари во разни банки. Вкупно тој на сметките во неколку банки, во и надвор од Косово, има над шест милиони евра и околу 355.000 долари.

Како годишни приходи Пацоли во анкетниот лист доставен до Антикорупциската комисија, пријавил дивиденди во вредност од 5,3 милиони евра и камати од 130.000 евра.