Билатералните односи и нивното продлабочување, прашањата од регионален интерес како што се случувањата во Сирија, Блискиот исток и на Балканот, ситуацијата во Украина, кипарското прашање, активностите на Турција во Егејското море и во Источниот Медитеран, мигрантското/бегалското прашање, како и односите ЕУ-Русија се очекува да бидат темите за кои ќе разговараат министрите за надворешни работи на Русија и Грција, Сергеј Лавров и Никос Дендиас на нивната денешна средба во Москва.
Во интервју за руската новинска агенција „РИА Новости“ во пресрет на посетата, шефот на грчката дипломатија вели дека цврст стремеж на Грција е дополнително зајакнување на добрите односи и релациите на соработка со Русија, „врз основа на взаемно почитување и еднаквост“.
– Потенцирам дека Грција и покрај проблемите што се појавија во минатото, остана стабилен соговорник на Русија, дури и за време на тешкото услови во однос на нејзините односи со Западот, како што беше во последните години. Впрочем, Русија е голема сила што игра важна улога на глобално ниво и секако во Југоисточна Европа и на Блискиот исток, области од наш интерес. Затоа сакаме дополнително да ги развиваме нашите односи, со цел да ја одржиме регионалната стабилност, особено во чувствителните околности, како што се сегашните – вели Дендиас.
Шефот на грчката дипломатија, во интервјуто говори и за можностите за дополнителни инвестиции во Грција во инфраструктурата, транспортот и слично преку програмите за приватизација. За енергетиката вели дека „Русија е важен партнер за Грција со перспектива за понатамошно продлабочување на билатералната соработка“.