Регион 07. февруари 2021. / 11:02

Се поизвесно е дека Црна Гора ќе го одложи пописот

Се поизвесно е дека Црна Гора ќе го одложи пописот

Невозможно е да се организира пописот во Црна Гора во април, како што беше планирано, поради недонесувањето на буџетот за оваа година и неколку процедурални работи што сè уште не се завршени, пишува Побједа од Подгорица.

Неколку извори од весникот изјавија дека е невозможно да се одржи пописот во април, бидејќи буџетот за оваа година сè уште не е усвоен. Предлогот за буџет ќе им биде презентиран на пратениците дури во март, а освен тој акт, клучен услов за реализација на пописот е усвојувањето на Законот, но и епидемиолошката состојба, пренесува порталот РТЦГ.

И покрај проблемите предизвикани од вирусот корона, единствениот логичен термин за одржување на пописот е 2021 година. Сè друго би било кршење на директните препораки на Европската унија и Обединетите нации, според кои пописите не треба да се прават во изборните години, пишува медиумот.

Се очекува следната година во Црна Гора да се одржат локални избори во 11 општини, претседателските избори ќе се одржат во 2023 година, а 2024 година е датум за одржување на редовни парламентарни избори доколку владата го заврши целиот мандат и не излезе предвреме на избори.

На претходниот попис одржан во април 2011 година, во Црна Гора имало 620.029 жители. Од тој број, 44,98 проценти се идентификувале како Црногорци, 28,73 проценти се Срби, 8,65 проценти како Бошњаци, 4,91 процент како Албанци, 3,31 проценти како муслимани, 1,01 како Роми и 0, 97 проценти како Хрвати.