Предраг Савиќ, заменик директор на Клиничкиот центар „Драгиша Мишовиќ“, денеска изјави дека епидемиолошката состојба во Србија се влошува и ја оцени како крајно неповолна, истакнувајќи дека во болницата се сместени 172 пациента во моментот од кои осум деца и 11 трудници.
– За 24 часа имавме 19 приеми и практично останавме со само три слободни кревети. Многу сме напнати, имаме 64 пациенти во единицата за интензивна нега, изјави Савиќ за РТС.
Говорејќи за овој бран на пандемијата, тој укажа дека клиничката слика е доста тешка и прогресијата на воспаление на белите дробови е побрза одошто беше случај во досегашните бранови на вирусот.
Притоа изрази надеж дека граѓаните сфатиле оти, како што рече, „ако сами не се чуваме, нема да не чуваат ниту вакцините“.
– Мислам дека граѓаните се опуштија. Доста пациенти се разболеа меѓу првата и втора доза на вакцина. Тоа значи дека не се почитувале стандардите во процедурата и потребата луѓето да водат грижа и по ревакцинацијата, додаде Савиќ.