Процесот на придружување на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, како и Македонија, беа меѓу темите на средбата на претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли со еврокомесарот назначен од Унгарија, Ласло Трочањи, што се одржа попладне, изјавија за МИА од Кабинетот на Сасоли, но не соопштуваат детали.
Сослушувањата на кандидатите за еврокомесари почнуваат в понеделник и ќе траат до осми октомври. Идната претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејн, му го додели портфолиото проширување и соседски односи на унгарскиот кандидат за еврокомесар, Ласло Трочањи, но голем број европратеници најавија дека ќе се спротивстават на оваа одлука.
Средбата со Сасоли била затворена и не се соопштуваат ниту детали, ниту причините за средбата. Освен со Трочањи, претседателот на Европскиот Парламент денеска се сретна со кандидатите од Белгија, Луксембург, Португалија и Полска, а утре ќе се сретне со литванскиот кандидат. Освен Луксембуржанецот и Литванецот, кандидатурите на останатите комесари што се сретнаа со Сасоли денеска, се проблематични за европратениците.